Denali 6194m, Ilina Arsova i Filip Vasileski

Искачување на Денали 6194м, Илина Арсова и Филип Василески

Највисокиот врв на Северна Америка беше петтиот предизвик од циклусот „7 врвови на 7 континенти“, кој го искачивме на 24 Мај оваа година.
Заедно со Филип досега искачивме неколку врвови во минатите години што беше добра подготовка за конечно заедно да заминеме и на Денали (Мекинли), како еден од најсериозните и најизолирани врвови во светот.

Заминавме од Скопје на 5 Мај,  за на 7 Мај веќе да летнеме со глечерско авионче од градчето Талкитна до Базниот камп на висина од околу 2200м. Истиот ден продолживме до камп 1 на 2370м, до каде што стигнавме по 3ч и 50 минути одење. 
Во пониските делови глечерот беше во солидна состојба, со доволно снег кој ги покрива повеќето пукнатини. На почетокот се движевме побавно обидувајќи се што подобро да се усогласиме со Филип бидејќи тој се движеше со ракети за снег, а јас со скии. Носиме доста терет и храна за околу 20 дена. И двајцата носевме од 50 - 60 кг распоредени на санка и на ранец.  Оваа планина е посебно напорна бидејки целиот товар за дваесет дена го носиме сами: два шатори, неколку литри гас за готвење, две кујни, храна за дваесет дена и топла облека. Се мора да носиме сами до висинскиот камп 4 на 4350м надморска височина. За таа цел теретот се распоредува и на неколку наврати се пренесеува до висинските кампови, а дел од опремата се закопува под снегот.
8 Мај. Денес за аклиматизација отидовме до под камп 3 на 3350 метри каде ги закопавме работите што утре ке ни олеснат да се искачуваме побрзо по истиот пат. Одмораме назад во кампот 1. Планираме, се пакуваме и размислуваме за сите предизвици што не очекуваат на планината. Има и многу работи што остануваат непредвидливи. Една од најважните е временската прогноза. Пејсажот е навистина воодушевувачки. Облаците се спуштаат и  креваат постојано и неколку годишни времиња се менуваат во еден ден.



9 Мај. Камп 3, 3350 метри. За 5 саати и 40 минути пешачење стигнавме од камп 1 на камп 3. Утрото се разбудивме со 30 цм свеж снег. Бела белина, прст пред око не се гледа што ја отежнува ориентацијата во услови на намалена видливост. Не чекаше долг пат. Имавме среќа што ренџерите и војската денес поминаа пред нас, па патеката беше видлива и изгазена.  Денешната маршута од 2330 до 3380 е добра висина за аклиматизација и километража за тренинг. Овде на кампот имаме спектакуларен поглед на монт Хантер и нагоре према Денали, кој не очеува. За прв пат сме опремени со радио приемници, токи воки и гпс уред благодарение на Филип, бидејки јас сум скарана со технологијата. Денес е роденден на тато, се обидов да му испратам порака од сателитскиот телефон,  но подоцна разбрав дека не било успешно...
10 Мај. Се очекуваат силни ветрови. Сите градат снежни ѕидови околу шаторите. Одиме малку надоле да си го земеме теротот што го закопавме завчера и се враќаме овде на камп 3. Запознавам многу интересни луѓе со сериозни проекти во планина. Моето искуство иако поголемo од повеќето кај нас дома овде е незначително. Луѓево качуваат и и скијаат првенствени насоки и тоа во најдивите делови од планетава, Алјаска и Патагонија. Колин и Роб ни се комшии во кампот и се професионални атлети за брендот Патагонија. Го распоредуваме товарот и она што не ни треба ќе го носиме до точката Windy Corner на 4150 метри. Тоа ќе ни биде аклиматизација и тренинг за денес. Треба добро да се планира секој ден и секој грам што го носиме со себе. Може времето да се влоши и да треба да се чека со денови на исто место. За тие денови треба да се има храна. За три часа и десет минути во страшен ветер и невреме го однесовме товарот до Windy Corner. Поминувавме прему стрмен и замрзнат терен - Squirrel Hill. Добар тренинг за кој беше клучно да се има соодветна опрема и знаење за двиежење во глечер.
11 Мај. Ден за одмор. Страшни ветрови го разнесуваат ѕидот од шаторот. Мислев утрото ќе стиши но не. Ова е еден од тие денови кога тешко ќе излеземе од шатор. Вреќата за спиење е мокра и се во шаторот е мокро. Ѕидовите на шаторот почнаа да прокиснуваат. Тешко ќе биде да се излезе дури и во тоалет. Овие денови е многу битно да се обновуваат ѕидовите околу шаторот кои ветрот ги уништил за време на ноќта. Кревасите ги има насекаде особено во овој дел од планината така што мора да се сондира теренот пред да се постави камп. Штотоку не известија дека и утре ќе биде лошо времето но од петок доаѓа висок притисок и неколку дена добро време, размислуваме дали во тој прозорец ќе успееме да одиме и на врв или ќе биде пребрзо за нашата аклиматизација. Денес ни е 5ти ден на планинава.
12 Мај. Одлучивме да не одиме нагоре и покрај таквиот план на програмата. Ветрот е силен па остануваме уште една вечер на камп 3. Ова ќе ни биде 4та вечер овде. Го развеаме македонското знаме пред нашиот камп што не расположи со доза патриотизам. Надвор пак почна да врне многу снег. Штотоку ги исушивме шаторот и вреќите кои секоја вечер од кондензација впиваат влага, кога нов бран на влажен снег го забели шаторот повторно. Крупни влажни снегулки, кои како се топат се лепат на местото и прават основа за новиот слој да се залепи. Тој е еден од најтешките моменти, да се исушиме ние и опремата. Сите копнеат по еден убав сончев ден.
13ти Мај. Конечно камп 4, 4350м. Од камп 3 до камп 4 стигнуваме за 5 часа и 40 минути. Убав долг ден со сончево време.

14ти Мај. Втора ноќ на 4350м. Вчера беше најладната ноќ досега со -15 степени во шатор  а може и пониско. Денес ги донесовме сите работи што претходно ги  имавме закопано, ова е нашиот нов дом во следните неколку дена. Временската прогноза пак се промени од утре доаѓа нова бура така што нема да може брзо да напредуваме. Денес имаше убав снег и скијав телемарк на Headwall над кампот.

15ти Мај.  Одиме нагоре да оставиме товар за потенцијален камп на high camp на 5250м за некој ден од сега. Ќе оставиме еден мал шатор, нешто храна и гас. Според прогнозата се влошува времето и следниве два дена ќе сме овде. Прилично е ладно и самиот престој овде ако е предолг станува напорен. Денес моите родители преку сателитски телефон ми дадоа контакт од Глигор за консултации во врска со прогнозата. Веќе 10ти ден како сме на пат. Се чувствував добро, одев со скии и за помалку од два часа бев до фиксните јажиња. Филип продолжи со аклиматизација до над фиксните јажиња, а јас уживав во свежиот снег и скијав од 4900м до кампот. Добар ден за аклиматизација. Времето значително се влошуваше како и што беше најавено. Почна да врне се повеќе снег и ништо да не се гледа. Шаторот како го чистев така го затрупуваше нов снег. Филип и уште неколку луѓе уште не беа вратени од горе. Почнав сериозно да се загржувам бидејќи помина доста време. Скијајки надолу во бескрајната белина, свесна за сите опасности од лавини и дезориентација од патеката која се помалки беше видлива, секако во памет имајки ги сите огромни пукнатини на глечерот, можам да кажам дека чувството не беше многу пријатно. Сега кога уште повеќе се засили снежната бура, а моите пријатели се сеуште таму горе, ми создаваше чуство на немир и загриженост. Ги земав бамбусовите стапчиња за бележење на патот и тргнав нагоре да ги барам. Знаев дека се во близина, го маркирав патот за и самата да можам да се вратам, на неколку стотина метри низ маглата видов три силуети и Филип беше меѓу нив што ме израдува. Сега сме назад во шатор, после топло чајче и добра вечера среќна сум што се добро се заврши и се надевам на подобро време следниот пат кога ќе качуваме. Но, овде и во лоша видливост или силен ветер понекогаш мора да се движиме, едноставно доброто време како да не трае долго. Шаторот е повторно затрупан во снег и по се изгледа така ќе биде во следните неколку дена. Ова патување ќе потрае, трпеливост е една од битните работи за оние што сакаат да стигнат до врвот. Секако во комбинација со: добра аклиматизација, хидрација и клучен прозорец на добро време. Аклиматизацијата не е ни оддалеку завршена за нас, треба уште неколку пати да се качиме до 5200м  пред да помислиме на врвот. 
16ти Мај. Понеделник камп 4. Денес требаше да биде лошо време но излезе многу убав ден така што одлучивме да направиме тренинг. Слично како вчера претпладнето беше добро а попладне пак се качија облаци со снег. Снегот беше преубав, прашкаст и свеж од вчера така што јас одлучив да скијам на Headwall под фиксните јажиња. Два пати качив и скијав по 500м висинска разлика со што си направив добар неколку часовен тренинг. Филип денес стигна до “Палецот„ на 5100м што беше супер тренинг и аклиматизација и за него. Сега сме пак во шатор а надвор си снежи.
17ти Мај. Вторник. Се разбудивме со силен ветер и невреме. Според програмата тоа ни беше ден за одмор и до 11 часот не можевме да излеземе од шатор. Од околните шатори луѓе се спремаа да си одат. Ни оставија нешто храна и гас нам и на останатите што одлучиле да чекаат подобро време.  Сега веќе почнува првата битка на издржливост. 11ти ден на глечер кога веќе ментално секој попушта во недостиг на основен комфор. За сега ние се чуствуваме во ред и спремни сме да чекаме. Првиот добар временски прозорец ќе одиме нагоре. Многумина се обидуват да одат на врв од овде(камп 4) но ние сепак мислиме да спиеме и на high camp, што некои го избегнуваат заради ветришта и студ. Глигор не снабдува со доста прецизна метео прогноза. На повидок нема добро време.
18ти Мај. Толку студено што едвај го држам пенкалото а и тоа од студот веќе со мака пишува.  Замрзнатите ѕидови од шаторот со секој допир го пренесуваат студот и внатре во вреќата. Веќе не е забавно да се кампува на 4500м со толку студ и невреме недела дена. Два дена сме во шатор, добро се одморивме а и јадевме. Утре има предвидено мал прозорец но не знаеме дали да ризикуваме затоа што не е доволно за одење на врв. Ќе пробаме да одиме нагоре барем до high camp. Овојпат ја чувствувам планината поблиска за разлика од минатиот пат во 2012та година.

19ти Мај. Денес со прилично тешки ранци тргнавме со намера да спиеме на high camp. Но мене многу тешко ми тргна качувањето и беше многу студено. За првпат се движев со перјаната јакна од Еверст и со перјаните пантолони. Прстите на нозете не ги чувствував за време на целото качување, тогаш ги добив првите смрзнатини. Кога излеговме на гребенот на околу 5100м дуваше многу силен ветар па одлучивме да се вратиме. Беше добра одлука за да ја избегнеме бурата што се очекуваше во Сабота. Сега сме веќе добро аклиматизирани па само чекаме прозорец за на врв.
20ти Мај. Долго најавуваната бура дури има и име, се вика Клод. Ветришта и снег го трупаат шаторот, ги третирам моите премрзнати прсти што сеуште болат. Имавме активности низ камп, обновување на ѕидовите околу шаторот и нов тоалет кој го дизајниравме и изведовме со француските алпинисти Симон и Себастијан, со кои го делиме кампот. Точно сме две недели на глечер, се чини како цела вечност. Никако бурата да стиши а ние да се исушиме и стоплиме. Имаме уште осум дена на располагање. Искрено се надеваме на убаво време па дури како опција и да тргнеме од овде за на врв.

21 Мај. Се разбудивме во убав ден, сонцето ни врати малку надеж и ни ги стопли душите и шаторите. Цел ден слободни активности, малку скијање, потоа натпревар во згибови на кампот, готвење високо енергетски оброк, се додека во далечината на брдото не ги видовме Романците, татко и ќерка кои се враќаа од врвот. Девојчето на 12 години стана најмлада девојка на Денали. Преживеале хорор, им се скинал шаторот па една вечер останале надвор во снегот на 5200м во ужасни услови. Имаа благи смрзнатини но сепак се качија и безбедно се симнаа од врвот.

22 Мај. На Филип му е роденден. За денес планиравме да одиме горе по секоја цена но ренџерите на разбудија со вест за лошо време и засилен ветар во следните неколку дена. Немаме уште многу време за чекање. Овие денови од врвот успешно се вратија само Романците кои дојдоа аклиматизирани и со големо искуство. Ветерот го раскина шаторот во кој кампуваме и сето тоа делува на нашата мотивација. Го поминавме денот во друштво на новите комшии: Синан од Турција и Феликс од Австралија. Доста луѓе веќе се откажаа и го напуштија кампот. Дури и комерцијалните групи со водичи секој добар момент го користат за симнување надолу. Најдолго би можеле да чекаме уште 5 дена но би сакале да се движиме нагоре уште утре. Лошата видливост е еден проблем, ветрот - втор а студот - трет. Ниту една не ни оди во прилог. Сепак денес успеавме да го одржиме нивото на расположение и мотивација со вкусен роденденски ручек.




 24 Мај. Некаде после пладне околу 3 часот го качивме врвот Денали 6194м. Беше премногу ладно и ветровито, но успеавме! Го искористивме вчерашниот прозорец за да стигнеме до висинскиот камп на 5250м, и утрово рано да тргнеме нагоре. Можам да кажам дека во овој дел условите и теренот се како друга планета од она што го имавме досега видено. Од висинскиот камп се поминува долг траверс по заледеното брдо „Autoban“ додека не се стигне на „Denali pass“, а потоа теренот што станува се пострмен и позаледен се зарамнува на „football field“ од каде почнува последниот стрмен нагиб кој преку застрашувачки гребен води до врвот. Кон врвот ветрот се засили а температурата мислам дека беше барем -40. Јас се здобив со неколку смрзнатини па веднаш, истиот ден слегов долу до камп 4 по вкупно од 12 часа пат. Филип беше уморен па остана на high camp. Едниот палец ми е модар, носот не го чувствувам а другите два палци на рацете се некако неми. Мислам дека треба да се симнам од планинава што поскро ако сакам да ги зачувам сите прсти.
     
25 Мај. Овој врв не беше како другите до сега, да се симнеме па да прославиме. Овој пат ниту сликав нити снимав видео како што имав замислено, не гледав на саат за време или дали висиномерот на часовникот е точен. Овој пат клучно беше да се вратиме безбедно до кампот. Сама се вратив долу на камп 4 а Филип е сеуште горе со многу малку храна и гас за готвење. Долго најавуваното невреме ги зароби заедно со уште неколку тима оневозможувајки го нивното слегување надолу. Успеавме да искомуницираме по радио врска - по гласот ми делува во ред. Ме теши фактот што не е сам, има уште луѓе со кои го дели кампот и храната. Планинава навистна не е шега, во ваква ситуација убива чувтсвото на неизвесност додека си свесен дека не можеш ништо да направиш. Вчера додека се симнував надолу сама неколку пати се преплашив. Остри стрмни страни од секаде врз чии гребен треба да се помине, неосигиран, со силни удари на ветер. Пејсажот во далечината застрашувачки моќен. Се качивме на највисоката точка на северна Америка па сите други врвови во околината делуваат мали. Со Французинот Симон со кој го делевме кампот во исто време бевме на врв, додека неговиот партнер Себастијан и покрај огромното искуство со врвови над 6000м, сепак доби белодробен едем. Условите овде се навистина сурови. Планината е опасна по целата своја должина и ширина. Вчера на врв се качија и Американците Рајан и Кели со кои истовремено напредувавме од камп до камп. Се качи и еден Чех со скии, за кого подоцна слушнавме дека загинал спуштајќи се по Меснеровиот кулоар. Истиот ден се качи и еден Австралијанец и Украинец кои исто така се здобиле со посериозни смрзнатини. Мене за сега ме мачи носот кој сеуште не го чувствувам и палецот на левата кој е потечен со пликови и модро-син, другото ќе помине. Загрижена сум и за Филип, се надевам најдоцна утре сабајле ќе дојде затоа што мора да одиме долу. На вакво патување и покрај тоа што сме тим многу е битно секој да биде самостоен. Во нашиот случај јас одам со скии а Филип со рекети за снег, односно и двајцата сме „соло“, за што се подготвувавме при минатото искачување на Мера Пик во Непал, ноември 2015та година.
Грешки и шанси за поправка нема! Како ќе излезеш од шатор така треба да си спремен да одиш до горе. Крем за лице, соодветни чорапи, соодветни нараквици и наочари. Сега сватив дека ништо немам, постојано импровизирам и тоа ме чини скапо. Треба да се познава добро опремата која се користи и нејзините перформанси.


29ти Мај. Може да се каже дека ставаме крај на оваа експедиција. Филип конечно се симна. Се е во ред, за некој ден си одиме дома. За мене 20, за него 22 дена на глечер, после 17 дневен пристап и аклиматизација во сите временски услови, Денали беше качен за првпат од Македонка и Охридски планинар. По прелетување на глечерот и слетување во гратчето Талкитна официјално ја прогласивме експедицијата за успешна и завршена.







Голема благодарност до спонзорот Ге Натурал, Скаут оутдоор шоп и пријателите од Италија - Телемарк сноу евентс

Comments