Македонските алпинисти Илија Ристовски и Илина Арсова со нов успех од светски рамки, овојпат од Хималаите.
На 18 Ноември 2011, Македонски алпинистички тим составен од Илија Ристовски и Илина Арсова за прв пат го развиори македонското знаме на Хималајскиот врв Ама Даблам 6856м. Ама Даблам се наоѓа во Непал, на Хималајскиот масив во регионот Кумбу, во близина на највисоките светски врвови Мт. Еверест, Лоце и Нупце. Ама Даблам во превод од локалниот Шерпа дијалект значи „мајка со ѓердан“. Поради својата стрмна пирамидална форма уште го нарекуваат Хималајски Матерхорн. Илина и Илија неслучајно го одбраа овој врв по минатогодишното искачување на Европскиот Матерхорн- нивната алпска страст.
Ама Даблам е еден од потешко достапните Хималајски врвови кој бара сериозна алпинистичка спремност и искуство. Насоката до врвот во просек има стрмнина од 70-90%, на места целосно вертикална и по целата должина технички доста комплицирана.
Со експедицијата Ама Даблам на Илија и Илина, Македонија се здоби со први свои претставници на планина со ваква тежина и висина и уште еднаш прва жена – македонка на олку сериозен алпинистички подвиг. По Аконкагва, Матерхорн и други светски врвови, оваа алпинистичка двојка има намера го развиори македонското знаме на покривот на светот Монт Еверест 8848м.
До сега овие македонски спортисти сами се финансираат во своите експедиции. На големо задоволство во последниот хималајски подвиг тие беа поддржани од неколку македонски компании кои несебично придонесоа во реализирањето на експедицијата Ама Даблам со свои производи и финансиска помош. Голема благодарност до специјалната болница Филип Втори, Касио Про Трек и My time, како и до здравата храна на Виталиа, кои учествуваа во реализацијата на експедицијата „Ама Даблам 2011“. Тие се почестени од поддршката на претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов и претседателскиот кабинет кои редовно ги следат и ги поздравуваат нивните постигнати успеси. За нив тоа претставува мотивација и голема морална поддршка.
Comments
Post a Comment